Се свестивме дека треба повеќе да си ги цениме домашните уметници, вели Ламбе Алабаковски откако излезе од притвор и се спрема за настап на Пивофест

By

Ламбе Алабаковски на 16 јули ќе пее на Пивофест во Прилеп. Ова ќе биде негов прв настап, откако пејачот беше приведен под сомнение дека го потпалил влезот на бугарскиот клуб „Иван Михајлов“ во Битола. Ламбе пред неколку дена излезе од домашен притвор и за „Репортер“ вели дека е добар.

dobivaj vesti na viber

„За сега сè е океј“, вели тој.

Во разговорот ни кажа и дека е среќен што организаторите на Пивофест оваа година решиле да стават акцент на македонската музика и домашните музичари.

„Мило ми е што почнавме на маката од соседите да се свестуваме дека треба повеќе да си ги цениме своите уметници кои долги години се занимаваат со музика и вложуваат многу време, труд и љубов во својата професија“, ни рече Ламбе.

Пред приведувањето, тој постојано имаше настапи во Битола и низ Македонија, а најави и дека ќе снима нова песна. Јавноста беше изненадена откако дозна дека ја запалил влезната врата на бугарскиот културен клуб во Битола, но му даде голема поддршка. Тој беше приведен и судот му изрече домашен притвор, а му беше одземен и пасошот.

Сега откако притворот заврши, Ламбе се спрема за настапот на Пивофест.

За потсетување, годинашниот фестивал на пивото во Прилеп ќе се одржува од 14 до 17 јули. Оваа година организаторите на Пивофест избраа на фестивалот да пеат само македонски музичари, па освен Алабаковски, ќе настапат и Наум Петрески, Миле Кузманоски, Елена Велевска, Елена Петреска, Вера Јанковиќ, Нокаут, Игор Џамбазов и Гуру Харе, Љубојна, ДНК, Некст тајм, Лозано, Ареа, Владо Јаневски, Џамбо Агушев и Суперхикс.

A.J

Ќе ви се допадне