Сфатив дека ако не почнам да вежбам, ќе се распаднам и психички и физички: Миа Костова се враќа во топ-форма

Поранешната водителка и инфлуенсерка Миа Костова од неодамна си постави цел – дека за 100 дена треба да се доведе во топ-форма. Таа постојно е во салата за вежбање, каде што тренира со својот тренер Мирко и веќе се гледа промената, ослабена и со зајакнати мускули. Миа за „Репортер“ ни раскажа зошто се решила да работи на себе и на сопственото тело.

dobivaj vesti na viber

„Еден ден на плажа среде јули додека седев, сфатив дека буквално ќе се распаднам и психички и физички и ако не почнам да вежбам, само ќе се здебелувам и понатаму и дека мора да преземам нешто. Во паника му се јавив на Мирко и закажав тренинг за 19 септември иако беше јули. Мислам дека психички се спремав два месеца за тој почеток и за влегувањето во сала“, раскажува Миа за „Репортер“.

Вели дека сама си дала предизвик од 100 дена за да истрае и, пред сè, да се навикне на рутината да вежба. „Сметав дека е потребно барем 3-4 месеци да го правиш тоа за да ти стане вежбањето навика. И така се заколнав на една стотка. И, искрено, едвај чекав да почнам да вежбам. Мислам дека поради тоа што многу долго се спремав да почнам, не ми беше мака. Повеќе си бев лута на себе и кога почнав да одам, се чувствував како да си исплаќам заслужена казна. А денес, за разлика кога почнав, ми е баш како нешто за што воопшто не правиме муабет дали ќе одам или не. Едноставно, морам“, искрена е Костова.

Во неделата има шест тренинзи и се труди да не пропушти ниту еден. „Јас сум ти човек или сѐ или ништо. Не знам, јас тоа два-три пати неделно не можам, ќе врзам три дена и толку ќе биде. Вака дисциплина како за работа. Затоа и вежбам секој ден“, вели Миа.

Ни откри дека нема некој режим на исхрана, но дека внимава да внесува повеќе протеини, свежи салати и она што ѝ го препорачува тренерот. Вежбањето ѝ е приоритет, а до сега исхраната никогаш не ѝ била лоша, но повеќе ѝ се проблем, како вели, „лежењето и неправењето ништо“.

„Како и да изгледа, на вага немам симнато ни грам. Но, фигурата ми е многу поинаква поради мускулите. Навистина, немам намалено килограми. За тоа како изгледа еден мој тренинг, ќе кажам дека секој ден се разликува. Мирко толку ме познава што во ниеден момент немам аверзија од вежбањето, ниту чувствувам мака, повеќе сакам справи, па такви се и тренинзите и, искрено, секој ден е поинаков, што е уште подобро. Околу 45 минути вежби и 30 минути кардио на лента. Искрено, не знам дали влегува под кожа вежбањето, ама имам дисциплина. Е, сега, ќе излажам ако ти кажам дека со радост одам секој ден или дека ептен ми се вежба нонстоп. Има денови кога буквално одам и плачам, има денови кога уживам. И чудно е што кога најмалку ми се вежба, вежбам најсилно и најдобро“, отркива Миа Костова.

Вели дека и покрај сè, задоволна е од она што го прави и од својот карактер да истрае до крај. Особено што, откако вежба, и нејзината психичка состојба е одлична, па нема време ниту за депресии ниту за панични напади со кои долго се бореше“. Дефинитивно, можам да кажам дека не сум била подобра со години“, додава Миа.

Таа многу следбеници на „Инстаграм“ и со нив споделува речиси постојано сè што прави, па така и сега со вежбите во сала и процесот на зајакнување на мускулите. Особено што има цел да ги мотивира жените да работат на себе и да не се откажуваат од своите цели.

„Сигурна сум дека сум им силен поттик на многу жени, секојдневно ми праќаат фотографии од сала за вежбање дека почнале. Ако најголемата мрза на светот, како што сум јас, може да вежба, може секој. Фитнес-тренер е потешко да те убеди зашто го гледаш и си викаш: ‘ех, нему му е баш лесно. Јас како да почнам…’ е, па, еве вака, посветено и без оправдувања“, вели Костова.

Александра Георгиев

 

 

Scroll to Top