Поранешниот голман на ракометниот клуб Вардар, Арпад Штербик, дојде повторно во Скопје. Тој го посети својот соиграч Столе Стоилов и заедно се дружеа во кафулето на македонскиот ракометар. Столе и Штербик играа заедно во Вардар, но кон крајот на мај Штербик замина да игра во Веспрем, односно се врати во тимот чиј дрес го носеше од 2001 до 2004 година. Искусниот 37-годишен голман во тимот од „Јане Сандански“ дојде во 2014 година и играше четири сезони. Во едно интервју пред да си замине од Скопје изјави дека ќе му недостасуваат Скопје и Вардар и дека за Македонија го врзуваат само убави спомени.