Во друштво на многу пријатели, соработници и најблиските, Силви и Влатко Плевнеш пред новогодишните празници го промовираа својот осми албум, „Како во сон“. Со ова „Силви бенд“ ја заокружи прославата на јубилејот 30 години на музичката сцена во Македонија. Велат, овие три децении навистина им поминале како во сон, но тие и понатаму ќе продолжат да создаваат нови песни и да се дружат со публиката која ги поддржува од почетоците на нивната кариера.
„Албумот има 11 песни на кои главно автори сме Влатко и јас. Снимивме и една фамилијарна песна, по која е наречен и албумот, ‘Како во сон’. Песната е на мојот брат Бобан Мучиќ, јас го напишав текстот, а Влатко аранжманот. Но, за да биде песната баш семејна, на неа гостува мојот побратим Џон Илија Апелгрин и ја пееме заедно. На оваа песна гостин е и Дамјан Пејчиновски, еден од најдобрите млади гитаристи кај нас, кој е многу почитуван во светот и го сметаат за еден од десетте најбрзи гитаристи“, рече Силви за „Репортер“.
Албумот го работеа во време на короната, без брзање, притисоци и рокови. Тука се и песните „Не лажи ме“ и „Најмил мој“ кои ги промовираа претходно и со кои најавуваа дека работат на нов материјал, но и ремикс на нивниот најголем хит, „Ангели ме носат“.
„Работењето на овој албум беше вистинско уживање. Имавме време темелно да им се посветиме на песните. Ги направивме за душа и за нас и за публиката. Со нашата зрелост како автори и музичари си дозволивме мала прошетка низ различни жанрови, па една песна е во регетон стил. Тоа е еден од најпопуларните стилови во кои младите денес најчесто пеат. Направивме и ремикс на ‘Ангели ме носат’ за да оддадеме почит на Драган Вучиќ, оти оваа негова композиција нè одбележи и стана синоним за ‘Силви бенд’. Новиот аранжман го направија диџеј Партимен и Влатко, ја измиксаа во денс манир. На овој начин сакавме да ја доближиме до помладите, па иако ја знаат, сега песната ќе може да се пушта во дискотеки и на техно и денс журки“, вели Силви.
На промоцијата на албумот, Влатко и Силви го објавија и спотот за песната „Ја излези стара мајко“, која е направена по вистинска љубовна приказна што се случувала во Охрид, во старата семејна куќа на Влатко и неговото семејство.
„Неодамна дознавме дека оваа песна настанала во семејната куќа на Влатко, а ја пеела убава Македонка која од прозорот на нашата спална соба, во тоа време го чекала Осман бег да помине на својот коњ по улицата и така се родила љубов меѓу нив. Ова беше предизвик за нас да ја обработиме оваа песна во наш манир. Снимивме и преубав спот во Охрид, па Климентина го толкуваше ликот на девојката вљубена во Осман бег, а Осман бег беше Благоја Ристевски, наш голем пријател. Тој има своја ергела на коњи и ги донесе на снимањето“, ни откри Силви и додаде дека на воената плажа на Св. Наум каде што снимале дошле и неколку војници да се сликаат со нив.
Андријана Јовановска