Брачно-музичката двојка „Силви бенд“ на 17 октомври настапат во градот Ахен, Германија со мјузиклот „Ромален“. Мјузиклот ги содржи најубавите ромски песни и го опишува темпераментот на Ромите, рече неодамна Силви за „Репортер“.
Силви и Влатко првпат го изведоа „Ромален“ пред три години, а потоа со мјузиклот играа низ цела Македонија, но настапуваа и во соседството. Концертот изобилува со народни и традиционални носии, со прекрасна музика и ромски романси од целиот свет и броен оркестар на сцена.
„Јас и Влатко на нашите настапи постојано пееме ромски романси. И секогаш доаѓаше некој од публиката да нè праша зошто не снимиме албум со ромска музика. Слушајќи го пулсот на публиката заедно со Влатко го осмисливме овој проект кој има 13 песни, меѓу кои и ‘О џила’, ‘Очи чорније’ и други. Заедно направивме приказна за ромскиот живот и слично на ‘Коштана’ вклучивме тажни, весели, страстни песни, кои го опишуваат темпераментот на мојот народ“, ни раскажа во интервјуто Силви.