Симон Трпчески го објави првиот самостоен албум за британскиот „Лин рекордс“

Виртуозот на пијано, маестро Симон Трпчески, го објави „Варијации“, првиот самостоен албум за британската издавачка куќа „Лин рекордс“. На албумот се наоѓаат дела од Бетовен, Моцарт и Брамс.

Ова доаѓа по проектот „Македонисимо“ и албумот со филхармонискиот оркестар „Јаначек“ од Острава.

„Убаво е кога убави нешта се случуваат и во вакви предизвикувачки времиња. Овој албум е снимен во февруари минатата година во една идилична атмосфера во Берлин, но со многу тешкотии поради многуте протоколи и ограничувања за патување. Албумот го нарековме ‘Варијации‘ и содржи не толку често изведувани дела, дела од кои самите композитори биле инспирирани“, рече Трпчески во интервју за Македонското радио.

Трпчески во април ќе ги продолжи рециталите во САД и ќе ги одржи презакажаните настапи со Кралскиот шкотски национален оркестар во Единбург и Глазгов. Тој потоа ќе има и концерти со Сиднејскиот симфониски оркестар, премиерите на „Македонисимо“ во Хрватска и во Северна Америка, но и гостувања во Пјонгчанг и Чикаго, пренесе Здружението за култура и уметност „КултурОп“.

Scroll to Top