Симон Трпчески со „Македонисимо“ ќе настапи на Д Фестивал: бесплатен концерт на зајдисонце во Дојран

Симон Трпчески на Д Фестивал во Дојран ќе одржи бесплатен концерт за сите оние што ќе сакаат да го проследат музичкиот проект „Македонисимо“.

Дваесет и три ора и песни специјално избрани од маестро Трпчески и на оригинален начин обработени од композиторот Панде Шахов, од почетокот на овој интернационален проект во 2017 ја споделуваат магијата на македонската изворна музика со целиот свет. Тоа го потврдуваат бројни настапи во живо во Германија, Велика Британија, Холандија па сѐ до Кореја и Канада, како и прикажувања на реномирани телевизиски и радио програми меѓу кои и на британското „Би-Би-Си Радио 3“.

„Македонисимо“ е спој од неверојатни ритми и прогонувачки мелодии на македонската народна музичка традиција со високо виртуозни рифови и хармонии под влијание на џезот, а овој уникатен звук му е посветен на народот, прикажувајќи ја моќта на традиционалната музика, нејзиното влијание и спомените што ги носи со себе. Таа традиција е знак на заедништво, која преку „Македонисимо“ на посебен начин се пренесува и на новите генерации.

„Ова лето, главната бина ви ја претставуваме во досега невидено издание благодарение на квинтетот „Македонисмо“ кој ќе ни ги раскаже раскошните музичките сказни на дојранското зајдисонце на Д Фестивал 2023“, изјавија од Пасворд продукција.

Scroll to Top