Најистакнатиот и највлијателниот рок бенд од поранешна Југославија „Бијело дугме“, прославува 50 години од своето постоење со голема турнеја, насловена како „Doživjeti Stotu“.
Култниот сараевски бенд, предводен од Горан Бреговиќ ќе свири 50 концерти во 50 градови. Славеничката турнеја стартуваше во мај годинава, од местото каде што всушност започна се, Домот на млади во Сараево, во далечната 1974 година, а на 12 април „Бијело дугме“ доаѓаат и во Скопје. Во организација на Прагма продукција, легендарниот рок состав ќе одржи концерт во „Арена Борис Трајковски“
Во Скопје доаѓа оригиналната постава на „Бијело дугме“ – Горан Бреговиќ, Ален Исламовиќ, Младен Војичиќ-Тифа, Ѓиѓи Јанкелиќ, Огњен Радивојевиќ и Зоран Реџиќ кои ќе приредат повеќечасовен рок спектакл, потсетувајќи не на старите добри времиња за кои југоносталгичарите сигурно ќе кажат дека биле најубави.
Половина век е навистина голема бројка, не само за музиката и рокенролот, туку и за целата музичка индустрија, бидејќи нивното влијание на музичката сцена беше огромно, а нивните албуми станаа класици на модерниот рок. Бендот има објавено девет студиски, три концертни албуми, бројни компилации, полнејќи сали и стадиони ширум поранешна Југославија.
„Не славам родендени, но 50 години од „Бијело дугме“ сакам да ги прославам. Има нешто што ми се допаѓа во сето тоа. И после 50 години некако се уште ми е убаво да свирам, а има публика која сака да го слуша сето тоа. Без оглед на тоа што е 50 години од постоење на бендот, сепак успеавме да најдеме преживеани“, вели Бреговиќ.
Низ текот на овие 50 години, бендот претрпе многу промени во внатрешниот состав, но и покрај тоа, „Бијело дугме“ и понатаму се рокенрол атракција, а нивното влијание и понатаму се чувствува, не само во регионот, туку и во многу земји од источна Европа, каде што нивните концерти секогаш се очекуваат со голем интерес.
Животот е чудо, а Бреговиќ е уште почуден. Повторно во себе го разбуди рок генот за кој мислеше дека засекогаш го изгубил. „Бијело дугме“ во Скопје е повеќе од концерт кој слободно можеме да го најавиме како музичко патување низ историјата, со единствена можност повторно да се доживее магијата што одбележа многу генерации.
На 12 април во „Арена Борис Трајковски“, присутните ќе имаат можност да уживаат во хитовите од сите фази на овој легендарен бенд, како што се: „Ne spavaj mala moja muzika dok svira”, „Tako ti je mala moja kad ljubi Bosanac”, „Na zadnjem sjedištu moga auta”, „Pristao sam, biću sve što hoće”, „Ako možeš, zaboravi”, „Lipe cvatu”, , „Ružica si bila, sada više nisi”, „Durđevdan”, „Evo, zakleću se”…