Со „Диџеј Скопје“ Мирко Попов ќе прослави 30 години кариера

Со настанот насловен „Диџеј Скопје“ почнувајќи од петок 15 јули, диск џокејот Мирко Попов ќе прослави 30 години музичка кариера. Настанот ќе се одржи во паркот позади МКЦ, а до крајот на годината ќе се одржат уште неколку музички настани.
По повод јубилејните 30 години кариера, на 15 јули ќе се одржи првиот од низата настани, голем техно-рејв под отворено небо, со настап на некои од најзначајните имиња на современата електронска сцена кај нас.
Во паркот позади Младинскиот културен центар во Скопје, со почеток во 21 часот, ќе имате можност да ги проследите настапите на: Оги Баланс, Нино Флодер, Соња Исмаил, Зоки Бејбе, Мачки Полукс, Митрик Соба 313, Марко Рикалоски, Виолета Качакова и секако стариот добар Мирко Попов. Вратите се отворени од 21 часот, а влезницата ќе чини 300 денари.

„Мирко Попов е дете од Скопје. Да, дете заробено во тело на 50 годишен човек. Тоа дете сонуваше да се занимава со музика, во што успеа, барем последниве 30 години. Убаво е да се живее својот сон, а особено кога сонот е толку реален, што боли. Остануваат уште 30 години и готово“, напиша Мирко Попов по повод јубилејот.

Scroll to Top