Со филмот „Мими“ вечерва се отвора фестивалот на европски филм „Синдејс“

Со изложба на постери и филмот “Мими“ на Даријан Пејовски вечерва се отвора 21. Меѓународен фестивал на европски филм „Синадејс“.  Фестивалот започнува со отворање на изложбата на плакати во 19:30 часот во МКЦ именувана „Филмскиот плакат како визуелна гозба и информативна нарација“.  По изложбата следува официјалното отворање со светска премиера на филмот „Мими“ на Даријан Пејовски на ГТЦ кров.

„Мими ги напушта своите родители, и болното минато од родното место, за да студира во Скопје. Ја запознава Сара – млада мајка со богат но насилен сопруг. Работејќи во киоскот на вујко ѝ, и како бебиситерка за Сара, Мими копнее по единственото што не може да го има – мајчинството.

Улогите ги толкуваат: Наталија Теодосиевска како Мими, Тамара Ристоска, Оливер Митковски, Петар Мирчевски, Сашко Коцев, Владимир Петровиќ, Стефан Спасов и други.

Даријан Пејовски е автор на сценариото по кое е снимен филмот, Дејан Димески стави свој потпис како кинематографер, сценографијата е на Игор Тошевски, Емилија И.Атанасовска – костимограф, Ива Куробаса – шминка и фризура, Александар Пејовски е автор на оригиналната музика, монтажата е на Владимир Павловски и дизајнот на звукот на Игор Поповски. Продуцент на филмот е Томи Салковски, а копродуценти се Дамир Терешак и Марко Јакимовиќ.

Филмот е копродукција на Скопје Филм Студио со Maxima film од Хрватска и Giggling goat production од Црна Гора, и истиот е направен со поддршка од Агенцијата за филм на Република Северна Македонија, ХАВЦ – Хрватскиот аудиовизуелен центар и Филмскиот центар на Црна Гора“.

Scroll to Top