„Со голотија и гаќички стигнав до Холивуд“ – Златко Јовановски за успехот во светската мода

Модниот дизајнер Златко Јовановски на јавноста ѝ стана познат уште пред неколку години, кога со своите креации се претстави на модната недела во Лондон. Одеднаш јавноста дозна за младиот моден дизајнер од Тетово, кој со круна на глава се движеше по модната писта заедно со своите манекенки облечени во неговите несекојдневни модели. За него се зборуваше и откако американската пејачка Ава Макс облече негов фустан за насловната страница на списанието „Хер ворлд“. Креациите на Златко се појавија и во модните едиторијали на „Космополитан“ и „Гламур“, а за него пишуваше и „Вог“, најпознатиот моден магазин. „Да успееш на светската модна сцена, треба да си шлакнат и будала. Јас отсекогаш знаев дека сум роден за светска сцена“, искрен е Златко.

Во светот на модата го однесоа екстравагантните фустани што ги креира, а еден од нив носеше и популарната пејачка Ава Макс. „Кога ми кажаа дека стилистите побарале мој фустан за фотосесија, рекоа да не очекувам многу, бидејќи за сликањето имало уште 200 други фустани. Од нив избрале десет, меѓу кои и мојот, и на крај сребрената креација се најде на насловна на списанието. Уште ми е нереално тоа што се случи, скокав од среќа, буквално“, ни раскажа Златко.

И покрај успехот што го постигна, 25-годишниот креатор од Тетово ни откри дека никој од колегите не му честитал. „Не ме изненадува, зашто секогаш сум слушал критики на моја сметка“, вели и ни откри дека го критикувале и за начинот на кој се облекува, оти носи круни, наметки и необична гардероба, ама и за креациите со многу голотија.

„Професорката Лира Грабул кога ги виде скиците за една школска ревија, ми рече: ‘Златко, како да креираш за проститутки, голотија и гаќички’. Ама со таквите дизајни стигнав до светската сцена. И знам дека сега се гордее со мене“, вели тој.

Во разговорот ни раскажа и дека на почетокот не му било лесно да ги убеди родителите да му дадат пари за да отвори ателје наместо да запише факултет. Но, неговите креации станаа препознатливи, а она што Златко го опишува како „висок кич“ се најде на модната недела во Лондон, во Виена, а имаше и ревија во Кина. Необичните дизајни со многу пердуви, тантела и камења ѝ се допаднаа и на српската старлета Сораја, а Златко за неа креираше фустан со една гола града што таа го носеше во „Амиџи шоу“. За креацијата за која зборуваше цела Србија и шегите на негова сметка, колку се храбри македонските дами и мажи во изборот на гардеробата, но и зошто не ги прифатил советите на колега-дизајнер да го смени стилот и да се прилагоди на македонскиот менталитет, гледајте го видеото.

Андријана Јовановска

Scroll to Top