Со звуците на „Зошто си ме мајко родила“, Аки Рахимовски беше испратен во Загреб, речиси сите колеги од Хрватска дојдоа да му оддадат почит

Денеска, во Алејата на великаните на загрепските гробишта „Мирогој“, членовите на семејството,  најблиските пријатели и колегите се простија од Аки Рахимовски, објави хрватскиот портал „Дневник“.

Речиси сите познати имиња од хрватската естрада дојдоа да го испратат. Меѓу пристуните беа Хусеин Хасанефендиќ-Хус, Маријан Бркиќ, Џибони, Дино Јелушиќ, Кристина (Тина) Кресник, Јурица Паѓен, Ивана Плечингер и многу други јавни личност.

Пред ковчегот на Аки имаше посвета со стиховите „Нашата улица е тажна од кога не си овде… Бидејќи тажната песна ја пеат оние што остануваат“ од песната „Моја је пјесма лагана“ од „Парни валјак“. Венецот во форма на срце исто така беше поставен пред ковчегот на последното збогување, кој ја носеше пораката на неговата двегодишна ќерка Антонија: „Тато, те сакам. Антонија“.

Неговата ќерка Дина одржа говор, кој ги расплака сите присутни.

„Еднаш рече дека е лесно да се биде висок, но тешко е да се биде голем, голем човек. Ти благодарам, тато, што ме научи дека човекот е малечок само под ѕвездите. Ајде бегај, така ми рече, бегај ќерко. Бегај тато, бидејќи им е здодевно без тебе. И само да знаеш, само ти, тато, и никој како тебе. Те сакам, тато“, рече Дина.

Аки беше испратен со песните „За малку нежност“ од „Парни валјак“, „Мојот пат“ од Френк Синатра, „Едрење“ од Род Стјуарт и македонската песна „Зошто си ме мајко родила“.

Аки ненадејно почина во саботата, на 22 јануари, во болницата во Ново Место, Словенија. Тој бил хоспитализиран кога нагло му се слошило. Имаше 66 години.

Ќе остане запаметен како еден од најголемите вокални изведувачи, фронтмен на „Парни валјак“ и неуморен музичар, кој во петте децении од својата кариера ги одбележа животите на сите генерации со својот уникатен глас и неуморната енергија на изведба.

Scroll to Top