Модниот дизајнер Златко Јовановски во јавноста е познат по смелите креации со многу светки, пердуви и скапоцени камења. Познат како ЈЗЈ, модниот креатор не отстапува од овој стил и за празниците. За пречекот на Нова година, пак, има топ-предлози што да облечете, па ги сподели за „Репортер“.
„Црвената боја е задолжителна, макар и долната облека. Оваа боја носи среќа, а и по прославата, не се знае пред кој ќе треба да се соблечете. Според мене, најдобро е да немате комбинација. Покрај камин и голема украсена елка да бидете голи со својата сакана личност и да уживате. Доаѓа 2022 година, 21 век, може да сте и со повеќе личности, групно. Сè е дозволено, ако тоа ве прави среќни“, вели Златко за „Репортер“. И додава дека во тренд се парчиња облека од црн плиш или кадифе, дополнети со сребрени cветкави детали. Ова важи и за мажите и за жените.
Според него, сè е дозволено, не постојат лоши или добри комбинации, ама, сепак, што и да изберете, на себе имајте барем нешто црвено. Вели, без ограничувања, секој како сака, само да влезете во новата 2022 задоволни со својот изглед и среќни.
Низ разговорот ни откри дека оваа сезона во мода се светлосина и светлозелена боја, но не класичните нијанси, туку оние чудно убави бои. И додава: „За празниците обично се избираат мониста и тоа е секогаш во тренд. Па без нив ни јас не би бил ЈЗЈ – кралот на светкавото“.
За потсетување, Златко со години ја воодушевува балканската публика. Но, откако лани Ава Макс носеше негова креација за насловната на списанието „Хер ворлд“, а негови дизајни се појавија во „Космополитан“ и „Гламур“, за модниот дизајнер од Тетово слушнаа и во светот.
Андријана Јовановска