Поранешната легенда на Вардар, Венцислав Симоновски, по четири години повторно доби струја откако претседателот на Синдикатот на фудбалери, Панче Ќумбев, и поранешната легенда на Вардар, Саша Ќириќ, ја платиле сметката за струја. Ама Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) наместо парична помош, на легендарниот фудбалер му донираше – спортска опрема.
Посетата на двајцата бивши македонски репрезентативци во Делчево кај поранешниот лев бек на Вардар, Симоновски, член на легендарната Вардарова генерација од 1987 година, која стана шампион на Југославија, ја објави Ќумбев на својот профил.
„Денеска бевме во Делчево во посета на Венцо Симоновски. Јас како претставник од Синдикатот на фудбалери на Македонија и Саша Ќириќ како претставник од Фудбалска федерација на Македонија (ФФМ). Кичо се наоѓа во многу лоша здравствена и финансиска состојба. По разговорот со неговата снаа за брат, која се грижи за него, добивме информации и насоки на кој начин да му помогнеме. Со Саша планираме во најскоро време да ги собереме фудбалските ветерани и сите оние кои сакаат да помогнат и да собереме средства за реновирање на куќата на Кичо и купување неопходни апарати за домаќинство. Во меѓувреме јас и Саша го плативме долгот кон ЕВН и по четири години Кичо повторно ќе има струја во својот дом. Од страна на ФФМ, Кичо доби комплет спортска опрема. П.С: Кичо праша за сите свои поранешни колеги и прати поздрав за сите“, напиша Ќумбев.