Солзите, емоциите и љубовта од публиката беа причина пак да се собереме: „Меморија“ најави голем концерт

Македонскиот бенд „Меморија“ денес во ресторанот „Пелистер“ го најави концертот што ќе се одржи на стадионот на АРМ на 11 јуни. Ова ќе биде прв концерт на култниот поп-рок бенд по пет години пауза по свирката во Скопје во 2017 година.

„Солзите, емоциите и љубовта од концертот во ‘Метрополис’, место што сега го нема, беше причина за повторно да се собереме и да ја израдуваме публиката со нов концерт. Ветуваме одлична забава и сите се поканети“, рекоа од култнит бенд „Меморија“. На пресот беше цела екипа:  Перо Камиказа, Поце Икономов, Ристо Самарџиев, Валентино Скендеровски, Димитар Божиков, Бане Поповиќ и Сашо Ангелов, кои сега имаат и засилување со Давор Јордановски, кој дојде од Торонто, Канада.

Публиката ќе може повторно да ги чуе големите хитови, какоНена“, „Одам засекогаш“, „Оган под ѕвездите“, „Нашите слики“, „Зошто Боже“, „Дирлада“, „Снежо-Снежана“ и многу други.

Замислена како своевидна концертна матурска рокенрол-забава на генерациите – и на оние некогашните што паметат многу посреќни времиња и овие сегашниве што ги живеат најубавите години од својата младост, но и оние чии тинејџерски години допрва доаѓаат, концертот на ‘Меморија’ ќе биде многу повеќе од само обичен Open air рок-концерт. Ќе биде сплотена енергија на неколку генерации како знак на заедништво и верба во вистинските вредности. И музички и човечки“, рекоа членовите на „Меморија“.

Самарџиев и Поце ги изненадија гостите кога заедно ги запеаја легендарните песни „Нашите слики“ и „Оган под ѕвездите“, па најавија дека специјални гости на концертот ќе бидат Ружица и Ивица од групата „Ареа“ и Венко и Сеат Јакупи од „Конкорд“ за да ја отпеат „Високи штикли и црни чорапи“. Не го заборавија ни нивниот пријател, музичарот Аки Рахимовски, кој почина лани, па ветија дека ќе му оддадат почит на концертот.

За потсетување, „Меморија“ последниот концерт го одржа во ноември 2017 година во „Метрополис арената“ за да одбележат 25 години од нивниот последен заеднички настап. Бендот тогаш настапи во оригиналниот состав – Перо Камиказа, Поце Икономов, Валентино Скендеровски, Димитар Божиков, Бане Поповиќ и Сашо Ангелов и направија вистинска ноќ за паметење, а публиката неколкупати ги врати на бис и не сакаше да ги пушти да си заминат од сцената.

Текст и фото: Љубиша Владимиров 

Scroll to Top