Сопругата Христина ми е најголем критичар: Интервју со Димитар Андоновски

Поп-пејачот Димитар Андоновски во последен период е актуелен се почесто како композитор на театарски претстави, па и последно тој беше добитник на наградата најдобра музика на претставата „Дон Жуан“ во режија на Андреј Цветановски во Србија.

Ужива во сè што е поврзано со музиката, а компонирањето филмска и театарска музика е нешто во што посебно ужива изминатиот период.

„Музиката е мојата прва љубов и животна страст. Во последно време, да, повеќето сум ангажиран со компонирање филмска и театарска музика, во што едноставно уживам и морам да признаам дека се пронајдов во тоа што го работам. Но, и пеењето сè уште е дел од мене и моето секојдневие“, вели Андоновски за Репортер.

Андреј Цветановски е режисер кој го вовел Диме во театарскиот процеси прв режисер којшто му доверил задача да компонира музика за негова претстава.

„Покрај професионалната соработка, тој ми е и добар другар од студентските денови, познавајќи ме лично беше свесен за моите музички претензии и капацитети, поради што беше сигурен дека сум вистинскиот човек за задачата. Па, откако се излезе и подобро од што се очекуваше, веќе проектите и соработките се нижеа. Покрај Цветановски, остварив соработки и со други врвни режисери. А, јас со секој нов проект, со секое следно искуство, секоја моја нова композиција и придонес за секоја театарска претстава што сум ја работел, се повеќе и повеќе се заљубив во работата и уживав. Оваа година веќе и добив и за мене значајно признание за мојот труд и успех на ова поле – Награда за најдобра музика за претставата „Дон Жуан“, на Фестивалот на професионални театри на Војводина, Србија“, раскажа Димитар.

Последната негова песна беше преработката на македонската изворна песна „Ако одам во Битола“ со Сара Мејс која свири на харфа. Но сега подготвува нешто ново кое треба да излезе во блиска иднина.

„Преработката на песната помина одлично, што навистина ми е мило и драго. Веќе работам на нов и малку поинаков музички материјал, така да очекувајте во иднина“, изјави Диме.

Димитар воедно е и менаџер, но и настапува во уникатното и единствено кабаре во земјава. „Голд Фелиција“ изминатата година беше домаќин на голем број домашни, но и музички ѕвезди од Балканот, Здравко Чолиќ, Лепа Брена, Јелена Карлеуша, Милица Тодоровиќ. Вели дека е задоволен и среќен што постои такво место, каде има одлична публика, која го препознала квалитетот и уникатноста и ужива во забавната програма.

Условите кои ги бараат големите ѕвезди, Диме вели дека се во граница на нормалните очекувања. Досега се немало случено, некој да побара некое екстремно или невозможно барање.

Димитар често настапува заедно со неговиот колега Александар Тарабунов, а случувањата зад сцената често знаат да ги споделат на социјалните мрежи.

„Подготовките се интересни, секој пат со различни случки. Но пред сè ние како тим на Кабарето веќе сме како едно семејство, функционираме одлично, имаме тимска подготовка и одлична атмосфера како на сцената, така и зад неа, а тоа е благодарение на професионалноста на моите колеги и нивната исполнителност и љубов кон работата“, вели Диме.

Настапите на Димитар во кабарето завршуваат доцна во ноќта и покрај тоа сопругата Христина е неговата најголема поддршка, среќен е што има разбирање за неговата работа.

„Среќен сум што имам сопруга со разбирање за моето работно време, но и воопшто, за мојот целосен професионален ангажман. Од неа имам целосна поддршка. Освен тоа, таа е и мојот најголем критичар. Искрена е со мене секој пат, во секој поглед. Тука е за мене и да ме пофали и да ме искритикува, да ме охрабри и да ме утеши. А тоа ми е плус мотивација за моето творештво“, зборува Димитар за сопругата.

Се труди да најде баланс, да го организирам времето и да биде што е можно повеќе време со моето семејство.

„Во слободно време најчесто ги исполнувам желбите на моите синови. Да одиме во парк, да играме игри, да гледаме цртани филмови. Едноставно, сакам да уживам во нивното друштво“, раскажа пејачот.

Михаил е поголемиот син кој веќе настапи на детскиот фестивал „Си-До“ на кој и самиот Димитар настапи пред 29 години со детската песна „Ема“. А Гаврил е сè уште мал за да пее, но и двајцата покажуваат афинитети кон музиката.

„И двајцата се музикални, сакаат музика и таа е дел од нивното секојдневие. Па, ќе видиме здравје Боже, дали некој ќе тргни по стапките на тато“, вели Димитар.

Scroll to Top