Спакувајте го куферот: Ова се дестинациите што ќе доминираат во 2026 година

Новинарите на Би-би-си, заедно со експерти за одржлив туризам, објавија листа од 20 најдобри места за патување во 2026 година – дестинации, кои, освен уникатни искуства, го користат туризмот за поддршка на локалните заедници, заштита на животната средина и зачувување на културното наследство.

На листата се најдоа разни светски региони – од Алжир, Црна Гора и Хебридите во Шкотска, до далечни дестинации како Ишикава во Јапонија, Комодо островите во Индонезија и Улуру во Австралија.

Како една од најдинамичните дестинации се издвојува Абу Даби, каде што во 2026 година се очекуваат значајни културни отворања, меѓу кои Националниот музеј „Зајед“, Природонаучниот музеј „Абу Даби“ и долго најавуваниот „Гугенхајм Абу Даби“.

Меѓу европските избори се најдоа и Гимараеш во Португалија, кој во 2026 година ќе ја носи титулата зелена престолнина на Европа, како и Оулу во Финска, кој ќе биде европска престолнина на културата.

Листата вклучува и дестинации што повикуваат на одговорно патување, како Ишикава во Јапонија, погодена од разорен земјотрес во 2024 година, каде што посетителите директно придонесуваат за обновата на локалните заедници.

Според Би-би-си, заедничко за сите избрани места е тоа што нудат автентични доживувања и можност патувањето да остави позитивен и одржлив траг.

Фото: Žabljak, Montenegro (Pexels)

Scroll to Top