Сребрена палма за „Врба“ на Манчевски во Валенсија

Филмот „Врба“ на Милчо Манчевски ја освои престижната Сребрена палма на филмскиот фестивал во Валенсија, Шпанија. Жирито на 35. издание на еден од најголемите европски фестивали вчеравечер му ја додели наградата за која велат : „одлично режиран филм што го истражува концептот на мајчинството низ потрагата по љубов на три жени“.

Режисерот Манчевски лично присуствуваше во Валенсија, а неговиот филм имаше одлични одгласи во шпанските медиуми. Во ласкавите оценки на шпанската критика за „Врба“ се вели дека е „величествен филм во кој Манчевски мајсторски ги испреплетува трите приказни“.

Двете награди неделава за „Врба“ се надоврзуваат на големите интернационални успеси изминатиов период. Во септември беше избран во селекцијата за престижната награда за најдобар филм на Европската филмска академија (ЕФА) позната и како Европски Оскар, а доби и две номинации (за најдобар игран филм и за најдобар режисер) на еден од најголемите фестивали за независен филм Raindance во Лондон, кој ќе се одржи во ноември.

 

 

Scroll to Top