Стефан Неделкоски од Прилеп заврши Медицински факултет со просек 10. Тој доби стипендија од Фондацијата „Трајче Мукаетов“ заедно со Филип Горачинов кој го заврши Фармацевтскиот факултет со просек 9,19.
Фондацијата која постои 15 години, традиционално пред крајот на годината, им додели стипендии на најдобрите студенти по фармација и медицина во Македонија. Стипендиите ги добија 20 студенти од Медицинскиот факултет и 20 студенти од Фармацевтскиот факултет, а еднократната парична награда од 1.200 евра во денарска противвредност добија првенците на генерација од двата факултета.
„Во мај 2007 година ја формиравме Фондацијата ‘Трајче Мукаетов’ за да биде додадена вредност на македонското здравство и фармација. За 15 години постоење, стипендирани се 619 студенти на државниот универзитет во Скопје, доделени се 24 еднократни парични награди на првенци на генерациите, активности за кои се инвестирани близу 120 милиони денари. До денес, 97 стипендирани студенти ги отпочнале своите кариери во фармацевтските оддели на ‘Алкалоид’“, вели Живко Мукаетов, претседател на Фондацијата.
Фондацијата „Трајче Мукаетов“, чиј основач е компанијата „Алкалоид“, е формирана за да поддржува проекти од сферата на фармацијата, медицината и науката, преку стипендирање млади, амбициозни кадри кои својата кариера им ја посветиле на овие дејности.