Татко ги крсти своите близнаци Дуле и Коки од љубов по хитовите на некогашното штипско дуо

Музичарот Никола Јанков Коки, од некогашното дуо „Дуле и Коки“, на свирка запознал маж кој пред 13 години си ги крстил близнаците Дуле и Коки. Виолинистот вели дека сè уште не може да поверува во тоа што го дознал, па на Фејсбук објави слика со децата и со многу емоции раскажа за средбата со Ѓорѓи, таткото на близнаците. И сега сè уште не може да верува дека некој синовите ги крстил по него и неговиот некогаш најдобар другар, Душан Љубисављевиќ, кој почина пред неколку години.

„Додека свирев таа вечер, имаше еден пар, маж и жена, што некако двоеја од останатите луѓе од таа маса, кај што седеа, а беше голема маса. Нема, нема, па со поглед човекот како да сакаше да ми каже нешто. Не знам како при крај некој викна „Седи Коки, одмори малку“ и седнав, ама баш до човекот за кого ви зборувам. Ми рече вака ‘Брат, заминати сме од Македонија одамна, имам двајца синови, близнаци, од по 13 години се’. Ех, реков, ‘Супер, како ќерка ми’ (му влегов во збор). ‘Ќе погодиш ли како се викаат?’, ме праша. Кревам раменици. ‘Дуле и Коки – по вас’, ми кажа. Штама, кнедла. Чест е, а? Можам да напишам уште нешто. Ама не можам. П.С. Му реков на Ѓорѓи (таткото) да ги донесе утре да ги гушнам,“ напиша Коки.

Дуле и Коки беа едни од најпопуларните музичари на почетокот на 2000 години. Тие оставија белег на музичката сцена со своите хитови „Виолина и гитара“, „Марама“, „Колку треба да се плати“. Дуле почина во 2013 година, на 38 години, а потоа Коки почна да свири со „Тајфата“.

Тој во интервју за „Репортер“ рече дека и денес му е тешко кога ќе се сети на својот најдобар пријател.

„Семејството на Дуле ми даде поддршка да продолжам со музиката“, рече тогаш Коки.

Scroll to Top