„За жал, она што се очекуваше со годинешниве резултати се случи! А се случува една голема попара таму и сето тоа како резултат на политичкиот пазар и ‘примопредавање’ на културната штафета на друг партиски субјект. Резултатите се некомплетни и повторно се отвораат прашања од типот ‘по кои критериуми се вреднувани проектите и учесниците’“, вели за „Макфакс“ музичарот Петар Младеновски, фронтмен на „Суперхикс“.
Тој вели дека на листите има тотални анонимуси „наградени“ со десетици илјади евра за нивните проекти, додека докажани манифестации, кои се одржувале со декади, се тотално исфрлени.
Колку за пример, најмногу пари годинава во овој сегмент има добиено Здружението „Артал“ од Тетово, вкупно 3,5 милиони денари или 56 илјади евра за фестивал „Меридианс“ и за концерт „Класик и рок мјузик“. Наспроти ова, скопскиот „Таксират“ добил само 500 илјади денари, иако барале 6 милиони. Исто толкава сума колку и „Таксират“ добило здружението „Елизиум“ со концерт со млади во Тетово.
За одржување на познатиот Џез-фестивал Куманово одобрени се само 200 илјади денари, а наспроти ова, Џез-фест Тетово добива 1,5 милиони денари.
За концерти на Влатко Стефановски и Мирослав, 21 година од издавање на албумот „Крушево“, одобрени се само 250 илјади денари, иако биле побарани над 2 милиони денари.
Етно-групата „Синтезис“ биле одбиени за финансиска поддршка да настапуваат во Австралија, а одбиени биле и пари за одржување на Скопје џез-фестивал и познатиот „Оффест“.
Директорот на Скопје џез-фестивалот, Оливер Белопета, за „Макфакс“ изјави дека е во шок по објавата на Министерството за култура.
„Се шокирав ноќва. Тоа што неофицијално го дознавме како образложение за џез-фестивалот, кој е фестивал од највисок ранг во државава, апсолутно не држи. Се работи за некои лични интереси на еден човек во Комисијата за музичко-сценска дејност“, рекол Белопета и сопственикот на „Авалон“, Бобан Милошески, реагираше на ова, велејќи дека „Доволно е само да се погледнат рутите на турнеите на Lenny Kravitz, Sting и на Eros Ramazzotti и да се види дека ‘Авалон продукција’ наместо да ги одржи концертите во многу поголеми маркети какви што се Хрватска и Србија, го одбра Скопје. Исто како што проектот Ohrid Calling наместо да го префрлиме на море во Албанија, од петни жили се трудиме да го задржиме во Охрид. Не можам да кажам дека сум изненаден, туку едноставно сум шокиран како ова не е препознаено од Министерството за култура кое нема никаква друга работа, туку да препознава и да поддржува вакви идеи“, вели Милошески
Бројни се реакциите на социјалните мрежи и за останатите дејности, како за драмската и издавачката дејност, каде што пари од буџетот за култура се доделувани на анонимни лица и тоа во повеќе наврати.