Градоначалникот на Аеродром Тимчо Муцунски покачувањето од својата плата ќе го донира за лекувањето на осумнаесетгодишниот Леонид кој се наоѓа во болница во Солун. Леонид имаше несреќа во Калитеа, а по направената операција, останува на лекување во Солун каде што се потребни парични средства.
Во разговор за Репортер, Тимчо ни рече дека Леонид е на интензивно лекување во болницата во Солун, но не сакаше да каже колку од покачувањето ќе го донира за негово лекување. Потребни се 200.000 евра за Леонид да може повторно да застане на нозе.
„Леонид е млад и талентиран ученик од Аеродром, со кој на мое задоволство имав можност да се сретнам во мојот кабинет, каде разговараме за успехот кој тој и неговиот тим го остварија на меѓународниот натпревар Nasa Space App Challenge каде освоија прво место, кое пак им отвори можност да го посетат НАСА центарот во Кенеди, Флорида. Во текот на изминатиот период, односно од моментот на зголемувањето на платата до денес, целата разлика ја наменив и ја донирав во различни хуманитарни, едукативни, здравствени и социјални цели. Во конкретниот случај не сакам да откривам колкава е донацијата за Лео. Важно е да оздрави, а донациите за него ќе продолжат и следните месеци, додека тоа е потребно. Општина Аеродром веќе е во подготовки за организација на Back To School настан каде на моја покана ќе настапат познати пејачи и артисти. Средствата собрани од настанот кој ќе се одржи во следните десетина дена во целост ќе бидат донирани за лекување на Леонид“, ни рече Муцунски за Репортер.
За потсетување, состојба на Леонид е критична. Има повреда на третиот, четвртиот и петтиот пршлен, поради што дише на апарати и не може да ги движи екстремитетите. Му беа направени неколку хируршки зафати, но за понатамошните медицински третмани се потребни финансиски средства.
Љубиша Владимиров