Тодоров отвори кафуле

Поранешниот министер за здравство од ВМРО-ДПМНЕ, Никола Тодоров, наводно отворил кафуле со својот брат во трговскиот центар „Капитол мол“ во населбата Аеродром, „Aerodrom Lounge bar“. Редакцијата на „Репортер“ пред два дена му побара изјава на Тодоров, но тој не одговара на пораките.

Пред неколку месеци поранешниот министер во присуство на своите најблиски пријатели и семејството отвори адвокатска канцеларија во скопската населба Капиштец, во близина на неговиот дом. Тогаш за „Репортер“ раскажа за тоа како се чувствува како адвокат и за новиот предизвик.

„Ова е нов почеток за мене. Многу убаво поминавме на отворањето во кругот на моите најблиски, семејството и, секако, моите пријатели, од кумови до старосвати“, рече тогаш Тодоров. Тој тогаш ни откри дека е среќен со новиот предизвик, дека има верба во себе и дека отсекогаш ја сакал адвокатурата како професија.

На прашањето дали смета дека поранешната работа како министер ќе му влијае на работата, Тодоров ни рече „Порано работев 24/7 и сега ќе работам многу, но ќе имам повеќе време за себе и за семејството. Среќен сум што моите пријатели ме поддржаа во ова и навистина, кога ќе размислам, по сè, само семејството и пријателите се тоа што останува“.

Scroll to Top