На 27 декември со почеток од 19:00 часот, во Центар за култура Ѓорче Петров, ќе се одржи премиерата на најновата театарска претстава „Толку е тивко“ на Театар Пи.
„Толку е тивко“ е филозофска и длабоко сензитивна театарска исповед во која светот се открива низ внатрешниот поглед на девојче што го изгубило видот. Наместо визуелни слики, просторот се гради од звуци, допири, тишини и сеќавања, претворајќи ја сцената во жив лавиринт на чувства и мисли. Претставата ја води публиката низ детството, загубите и растењето на главниот лик, каде темнината не е празнина, туку место во кое се раѓаат светлина, пријателство и смисла.
Со несекојдневни сценски средства и силна емотивна нарација, „Толку е тивко“ ја преиспитува перцепцијата за гледањето, постоењето и значењето на тоа што навистина значи да се „види“ светот.
Режијата и концептот се на Златко Митрески и Македонка Илиевска Митреска, а претставата е работена по автобиографски разкази на Борка Тадиќ.
Проектот е поддржан од Општина Ѓорче Петров, а учесници се ученици од основните и средните училишта од Ѓорче Петров и корисници на ЦПЛИП Порака Скопје. Организаторите упатија благодарност до Александар Стојкоски, Сара фешн, ЦПЛУП – Порака Скопје.
Билети за претставата се достапни на: https://www.karti.com.mk/tolku-e-tivko-teatar-pi.nspx






