Најголемите христијански празници, Бадник и Божиќ, Општина Крива Паланка ќе ги одбележи во празничен дух и атмосфера, организирајќи Бадникова прослава и Божиќен концерт на кои ќе учествуваат гости од земјава и од странство.
Прославата за Бадник е на 6 јануари, со почеток во 11,00 часот, на Градскиот плоштад, а ќе започне со Бадникова поворка во која ќе учествуваат над 200 дечиња. Младите коледарчиња со божиќни ѕвезди и песни ќе продефилираат од плоштадот Карпошово востание до Градскиот плоштад, каде ќе се одржи и мал концерт со свечени коледарски и божиќни песни.
За време на прославата ќе се изврши и избор на бадникарски кум со празнична молитва , кој ќе ја преземе честа да биде кум на градот за 2025 година.
Општина Крива Паланка традиционално организира и бадникова трпеза со посни јадења, кои ќе се продаваат по симболични цени. Собраните средства ќе бидат донирани на матурантите од семејствата во социјален ризик.
На 7 јануари, со почеток во 18,00 часот, исто така, на Градскиот плоштад во Крива Паланка, ќе се одржи и Божиќен концерт. Програмата започнува со настап на Детскиот музички хор „Симитчиња“, по што следува концерт на познатото Трио Џентлмен и нивната оригинална изведба на свечени и класични евергирини посветени на Божиќ.
Специјален гостин на вечерта е малиот Ајдин Османовиќ, или како што го нарекуваат ангелскиот глас од БиХ , во придружба на неговиот професор Јасмин Брашњиќ, кои ќе донесат радост и топлина во срцата на сите граѓани.
„Општина Крива Паланка ги организира настаните за најголемите празници во духот на традицијата, за да имаат можност граѓаните да ги споделат празничните моменти и заеднички да го прослават овој посебен период од годината, посветен на семејните вредности, обединувањето и дарувањто“, велат од општината.
Во организацијата учествуваат и ЛУ Градски музеј, НУ Центар за култура, училиштата, културно-уметничките друштва и Центарот за аудиовизуелни уметности.