Поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска во завршните зборови на одвоената постапка за случајот „Тенк“ низ солзи ја прокоментира одлуката на Судечкиот совет во експресен рок да го заврши процесот, пренесува „Макфакс“.
„Ова постапка се води во исклучителни околности за мене. Постои пристрасност кај мнозинството од Судечкиот совет кој јавно искажа став дека сум виновна уште при носење на пресудата за Ѓоко Поповски и Никола Груевски. Дополнителна околност за пристрасност е носење одлука во експресен период. На почетокот на процесот требаше да се грижам за дете кое имаше 2 месеци, а сега на крајот има 3 месеци“, рече Јанкулоска низ солзи .
Ексминистерката смета дека овој случај немало потреба да се смета како итен и да се заврши за само 1 месец. Таа повтори дека нејзината вина во очите на судот воопшто не е спорна со оглед дека била утврдена без нејзино присуство при осудата на експремиерот Никола Груевски и поранешниот заменик-министер за внатрешни работи Ѓоко Поповски.
Пресудата ќе биде соопштена на 8 октомври. Aко судот ја прогласи за виновна, на Јанкулоска ѝ се заканува затвор од најмалку 5 години.