Уапсен пејачот Ламбе Алабаковски, ја запалил вратата на бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов“ во Битола

Полицијата утрово го приведе македонскиот пејач Ламбе Алабаковски, кој е осомничен дека го подметнал пожарот во бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов“ во Битола. Редакцијата на „Репортер“ го побара пејачот за изјава, но до сега нема одговор.

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, на неговиот фејсбук-профил утрово напиша дека лицето осомничено за подметнувањето на пожарот е уапсено и го признал делото.

„Со задоволство можам да обзнанам брза и ефективна разрешница на случајот од пред три дена за пожарот во во Битола, кој е веќе расчистен. Се работеше деноноќно да се изнајде сторителот, се земаа предвид сите докази, а по извршените службени разговори во изминатите денови, вчеравечер, со судска наредба, беше извршен претрес на две локации кои ги користи Л.А.(34) од Битола, при што се пронајдени и одземени предмети поврзани со кривичното дело, по што лицето е лишено од слобода“, напиша Спасовски и додаде дека со ова полицијата уште еднаш покажала дека се бори против криминалот.

Влезната врата на бугарскиот клуб во Битола и натписот Ванчо Михајлов беа запалени во саботата утрото, пред средбата на бугарската министерка за надворешни работи Теодора Генчовска со македонскиот министер Бујар Османи во Скопје. Подоцна началникот на битолската полиција, откри дека бугарската министерка Генчовска ја видела снимката од инцидентот и на неа се гледа како човек пристигнува со велосипед и со туба со запалива течност ја полива вратата.

За потсетување, Ламбе Алабаковски долги години со семејството живееше во Америка. Тој со сопругата Магдалена, синовите Михаил и Димитриј пред неколку месеци се врати во Македонија. Оттогаш почна со настапи во клубовите низ земјата, а најави и дека работи на нова песна. Викендов требаше да пее на концертот на „Меморија“ како специјален гостин. Ламбе се прослави со учеството во музичкото шоу „М2 потрага по ѕвезда“, каде што победи. Потоа сними неколку песни, албум, а се откажа од музиката откако се пресели во Америка.

Scroll to Top