Уживам да готвам и се релаксирам додека сервирам: Интервју со Александар Тарабунов

Александар Тарабунов изминатиот период актуелен е со неговиот последен хит „Далечна“ за која добил многу пораки и пофалби, што му дава мотив уште повеќе и сериозно да се посвети на музиката и да прави нови песни.

„Сакам да експериментирам и тоа и го правам со музиката, зошто не сакам секоја моја песна да ми звучи слично на претходната. Доколку имаш изградено свој стил ќе го имплементира и на различни начини. Не значи дека ако една песна ти станала хит, па сега ќе се водиме по шаблон на секоја следна. Тоа не го сакам, ниту јас, ниту луѓето кои ја слушаат мојата музика“, вели Тарабунов за Репортер.

Неодамна се врати од патување во Италија, каде беше со неговата нова девојка за која не сакаше многу да открива и зборуваше само за убавините на Рим.

„Рим е прекрасен град. Целиот е волшебен, отворен музеј, буквално каде и да се свртиш има по некоја римска градба којашто е автентична, има прекрасна храна секаде, преубаво си поминав и научив некои тајни за италијанската кујна“, раскажа Тарабунов.

Често има настапи во единственото кабаре во Македонија, „Голд Фелиција“ во Битола каде скоро секој викенд има забави.

„За во бекстејџот не можам многу да откривам. Само ќе кажам дека премногу ни е забавно и како тим функционираме беспрекорно. Не сме малку луѓе, едноставно се наредија работите спонтано, така требало да биде. Одлично се снаоѓам во танцувањето на сцена. Јас до сега не сум глумел никого, на секоја песна гледам да дадам моја интерпретација, но ме бидува да имитирам и да глумам“, вели пејачот, за настапите во битолското кабаре.

Со колегите од естрадата знаат да се дружат, па ваквите дружби да завршат во кафеана на свирка. Таква една се случила пред неколку години на предновогодишна забава.

„Знаме да се дружиме ние од естрадата. Пред неколку години се собравме буквално цела естрада и правевме предновогодишна забава само за нас. Не се сеќавам тогаш кој не собра, но беше преубаво. Сите пеевме, јас свирев на гитара, годинава морам да ги соберам пак“, вели Тара.

Тарабунов е и вработен во хорот на Националната опера и балет. Каде потребите се поинакви од неговите настапи во живо, но за Александар тоа е не е никаков напор, туку напротив вели „во операта супер ни е“.

Кога зборува музиката, вели дека кога некоја песна се покажа како добра со тимот со кој си ја работел, обично не се менува. Но не е лошо, вели Александар некогаш во тој тим да влезе и друга личност, која е квалитетна и може да придонесе за крајниот резултат да биде подобар.

Пред да ја објави песната „Далечна“, Тарабунов сними дует и со Тамара Тодевска „Само ти ми фалиш“. Песна во диско фанк ритам. Убаво е кога се соработува со други артисти, бидејќи се мешаат енергии во еден проект и така станува по моќен. Секој артист си има свои фанови коишто можеби ќе станат и твои фанови во иднина, вели Тарабунов.

Игор Џамбазов му направи песна на Тара за на Скопски фестивал, но не ја исклучува идејата за дует во иднина.

„За Игор Џамбазов имам многу позитивно мислење од секој аспект. Тој е еден и единствен, уникатен и треба да се гордееме со него. Би направил соработка со него. Ние постојано комуницираме на социјалните мрежи, досега ми има направено песна со којашто имам настапено на Скопскиот фестивал. Песната се вика „Пеј брате мој“, и во иднина се планираат некои демоа за којшто тој треба да напише текстови“, вели Тарабунов.

Иако пее поп-музика, Тарабунов вели со задоволство би снимил некоја убава народна песна, која ќе ја преработи во нов аранжман, тоа е наше најголемо богатство и треба да си го негуваме.

„Татко ми знае да ми даде критика или сугестија додека ги работам аранжманите. Тој има преголемо искуство во тоа, но секогаш крајната одлука е моја што ќе применам, а што не“, вели пејачот.

Македонската јавност Александар Тарабунов го запозна како дел од шоуто за таленти „Идол“ кој се одржуваше во Бугарија. На аудицијата тој настапи со гитара која беше раштимана, но сепак тоа му донесе среќа да се пласира понатаму во шоуто и да успее.

„Гитарата не ја чувам зошто тогаш ми позајмија гитара од таму и таква и беше гитарата не многу во добра форма, затоа и на аудицијата звучеше малку чудно, а и јас тогаш имав голема трема“, се потсети Александар.

Во кујната се снаоѓа многу добро, има многу омилени јадења коишто сака да ги приготвува и ужива додека готви и сервира. „Постојано учам нови рецепти испробувам и тоа ме релаксира на некој начин“, вели Тара.

Габриела Додевска

Scroll to Top