Уживав во популарноста, сега ќерка ми ми е најважна

Наталија Грубовиќ или, едноставно, Натали, беше една од нашите најпопуларни и најангажирани манекенки. Во времето кога немаше социјални мрежи, а секој не можеше да биде популарен, 14-годишното девојче реши да стане манекенка. Кратко потоа, без Натали, неможеше да се замисли ниту еден моден настан.

„Баш пред некој ден размислував дека поминаа 25 години од моето прво појавување на модната писта. Бев девојче од 14 години и заедно со моите сестри започнавме да се занимаваме со манекенство. Од тогаш следуваа реклами, насловни страници, ТВ-емисии, каталози, билборди, модни писти, лото… јас го живеев мојот детски сон, го остварив мојот детски сон. И среќна сум што бев популарна во едно друго време, а не во ова сега кога секој може да биде популарен“, ни раскажа Натали, која за „Репортер“ ја сподели својата и манекенска, но и мајчинска приказна.

„Јас го исполнив мојот детски сон и ги уживав најубавите години на малите екрани и на модните писти. Публиката ме сакаше и јас сум ѝ благодарна. Но, сега живеам еден друг сон, поисполнет, и не ми недостига тогашното време на популарност. Моите приоритети сега се поинакви. И сѐ она што некогаш ми се случувало не може ни да се спореди со ова што го живеам сега. Мајчинството е најголем благослов“, раскажува за “Репортер“ некогашната манекенка.

Центарот на светот е ќерка ѝ, малата Натали, која го носи името на својата мајка.

„Желбата за името е на мојот сопруг, кој уште кога дозна дека сум бремена со женско дете, инсистира да се вика Натали. Јас на почетокот одбивав, дури имав избрано и друго име, но кога ја држев во прегратки, сфатив дека таа треба така да се вика“, ни раскажа Грубовиќ, која денес со сопругот Дрен Глушац живее во Србија.

На прашањето како се чувствува во улогата на мајка, Натали вели дека тоа чувство тешко може да го опише со зборови.

„Комплетна, среќна, исполнета“, додава таа.

Во разговорот е искрена, па вели дека секоја мајка, иако го носи во себе вродениот талент да биде мајка и да се снаоѓа со своето дете, сепак, и покрај тоа што одлично ѝ оди со малата Натали, тука е сопругот, но и семејството да ѝ помогнат.

„Дрен има многу професионални обврски, но секој слободен миг тој е со нас двете и ми помага. Пред неколку дена прославивме двегодишнина од нашиот брак со едно убаво патување на црногорското приморје, а секако и Натали беше со нас, па уживањето беше уште поголемо. Будва има посебно место во нашите срца бидејќи таму се запознавме и затоа често навраќаме таму затоа што секогаш ни буди убави спомени“, раскажува Грубовиќ за почетоците на љубовта со сопругот Дрен. И додава дека сега со Натали живее еден нов живот, дека ужива во секој нов ден поминат со својата ќерка, која, како што расте, е сѐ поинтересна оти сега и таа го спознава светот околу неа.

Натали веќе две години живее во Србија и вели дека се навикнала на животот таму. Стекнала пријатели, а и семејството на нејзиниот сопруг ѝ помага, па таа и во Србија се чувствува како да е дома. Вели дека тука сега има сѐ, но секако ѝ недостигаат сестрите и семејството, кои се во Скопје.

„Моите сестри се моите најдобри пријателки, тие се прекрасни личности, убави, реализирани, исполнети, интелектуалки и среќна сум што се баш тие се мои сестри. Секогаш сме тука една за друга и особено во овој период кога Натали е мала многу ми значат нивната помош и поддршката“, додава некогашната манекенка.

Александра Георгиев

Scroll to Top