Васил Гарванлиев: „Евровизија има посебна магија, предизвик е за секој пејач“

Васил Гарванлиев годинава ќе ја претставува Македонија на Евросонг во Холандија. Не е првпат тој да застане на евровизиската сцена, бидејќи лани беше еден од придружните вокали на Тамара Тодевска во Израел. Пее и поп музика и опера, а настапувал во некои од најпознатите оперски куќи во светот, меѓу кои и миланската скала. Но, вели дека Евровизија има посебна магија. „Ова натпреварување е еден од најголемите музички предизвици за секој пејач“, ни раскажа тој во интервјуто што го правевме неодамна. Тогаш рече дека сè уште е под импресии од се што му се случувало во Тел Авив, иако од Евросонг поминаа неколку месеци.

„Ако сум искрен, тогаш ќе кажам дека би сакал некогаш да пеам на Евровизија. За секој од нас што е сериозен во музиката и што сака да остави некаков печат, Евросонг е вистински предизвик. Огромна чест е да се претставува државата на вакво големо натпреварување“, ни рече Васил во интервјуто.

Претходно и најпознатиот евровизиски портал, „Ви-ви блог“, пишуваше дека Васил Гарванлиев треба да ја претставува Македонија на Евровизија 2020 година. Во текстот што го објавија стои дека Гарванлиев има харизма која е потребна за евровизиската сцена, но и искуство бидејќи беше еден од придружните вокали на Тамара.

За потсетување, публиката го запозна Васил пред 25 години кога го испеа детскиот хит „Марионка“ на „Златно славајче“. Денес тој е повторно на музичката сцена, а песната со која се врати го носи насловот „Ѓердан“. Тој долго живееше во Америка, но бидејќи беше депортиран, остана без стипендијата на „Џулијард“, еден од најпрестижните факултети за музика во светот. Пеел придружни вокали на концертите на „Њу кидс он д блок“, но и за Енрике Иглесијас и Селин Дион. Неодамна ја промовираше својата најнова песна „Мојата улица“, која за него ја напиша Игор Џамбазов.

 

Scroll to Top