„Повторно на 0“ е изложба на афирмираната алпинистка и уметница Илина Арсова, која вечерва ќе биде отворена во Младинскиот културен центар во Скопје, а воедно ќе биде промовирана и нејзината нова книга „Планинарење“.
Според Илина, пандемијата на Ковид-19 ненадејно го затекна светот, со огромен број невини жртви, вондредна состојба, која предизвика страв и несигурност, но, од друга страна, самоизолацијата и рестрикциите често беа и позитивно искористени, како, на пример, зближување со фамилијата, читање, пишување и убави филмови, разни вежби и медитација.
Додава дека враќањето од Антарктикот на самиот почеток од годината и завршувањето на мисијата седум врва на седум континенти го доживеала како огромно олеснување, истовремено како висококреативна храна за ликовното творештво.
Според Арсова, сликарството прочистено од боја и форма го заокружи циклусот враќајќи се до почетната точка на скица и цртеж.