Венко ѝ свари кафе на Лиде Лиде на Неврохирургија

Лиде Лиде и поранешниот министер за здравство, Венко Филипче, конечно, пиеја кафе. Тие се сретнаа на Клиниката за неврохирургија, каде што Лиде ја носела мајка си на преглед. Кафето го сварил Венко во неговата канцеларија, а на Лиде ѝ ветил дека набргу ќе пијат кафе и во кафуле, откри таа за „Репортер“. Вели дека воопшто не очекувала да го сретне Филипче кога тргнала да ја носи мајка си на преглед. Сето ова следува по објавата на „Репортер“, каде што Лиде Лиде ни раскажа за првата средба со ексминистерот, но и за проблемите со кои се соочила на работа оти јавно го канеше на кафе.

„Додека чекавме да ја прегледа мајка ми, го прашав кога ќе го пиеме кафето што го вети јавно. Ми рече дека веднаш ќе ми направи кафе, ме праша какво го пијам и на крајот ми подготви макијато. Ја викна и медицинската сестра да нè фотографира, а потоа ја прегледуваше мајка ми. На крајот, ми рече дека набргу ќе пиеме кафе и во кафуле, но повеќето муабети беа за здравјето на мајка ми и за понатамошните чекори во нејзиното лекување“, раскажа Лиде за „Репортер“.

Во разговорот ни откри и дека кога Венко ги видел снимките на мајка ѝ, ги охрабрил дека дијагнозата не е толку страшна колку што мислеле пред прегледот.

„Мајка ми има здравствени проблеми, па ја носев на преглед на Неврохирургија. Имавме закажано кај друг лекар и кога стигнавме таму, болничар нè спроведе низ ходниците до ординациите за преглед. Пред една од нив беше и Венко, па иако носев маска, ме препозна и дојде да се поздравиме. Му кажав каков е проблемот со мајка ми и каде треба да одиме. Ми рече: ‘Дај ми две минути’ и нè прими за преглед иако не требаше да одиме кај него“, додаде Лиде.

За потсетување, Лиде Лиде го сврте вниманието кон себе кога на почетокот на пандемијата почна јавно да го кани Филипче на кафе. Вели, пред да ја испрати првата порака, за Венко знаела дека е хирург, ама не и дека во меѓувреме станал министер. Речиси една година подоцна, Лиде го запозна во кафуле во Скопје и на првата средба имала голема трема. „Јас како што се шегувам со сешто, не верував дека ќе изгледам како некое прваче и ќе се изгубам кога ќе застанам да му се претставам на министерот. Беше сериозен на почетокот, ама кога кажав дека сум Лиде, почна да се смее“, рече таа во интервјуто.

А. Јовановска

Scroll to Top