Весна и Игор со еколошко шоу ќе ја подигаат свеста за животната средина

Актерите Весна Петрушевска и Игор Џамбазов најавија ново шоу. Станува збор за ТВ-проект, еколошкото шоу „Агенда 21“, и со ова ќе апелираат за грижата за животната средина. „Сигурна сум дека шоуто ‘Агенда 21’ ќе го задржи вниманието на гледачите преку важни теми за животната средина. Интересен е фактот што направивме емисија која личи на таканаречена домашна седенка со поширокиот круг на семејството во која дискутираме, едуцираме, дебатираме и се забавуваме. Во светот, но и дома, сведоци сме на пожари, поплави и на изумирање безброј животински диви видови, така што во никој случај не треба да ги игнорираме овие предупредувања што ги имаме за да не биде предоцна за целото општество“, вели Весна Петрушевска.

Идејката на „Агенда 21“ е да ги едуцира гледачите за моментната состојба со животната средина во земјата, што, всушност, сите заедно можеме да направиме за да се грижиме за природата бидејќи климатските промени се реалност и за тоа треба да се преземат сериозни чекори како индивидуално така и од страна на институциите и компаниите. „Крајно време беше некој да се позанимава на оваа тема. Мојата убава татковина, извор на бесконечно прекрасни пејзажи, доживеав младите да ја викаат Македонија-депонија, што ми покажа дека нешто навистина сме згрешиле во нашето битисување“, рече Џамбазов.

Во „Агенда 21“, освен познатите актери, кои се и водители, ќе бидат и нивни млади актери колеги, како Кристијан Ѓоргиев, Анастасија Митровска и Јована Миладинова.

Scroll to Top