Американскиот актер Арнолд Шварценегер го посети нацистичкиот логор на смртта Аушвиц и на средба со луѓето кои го преживеаја холокаустот и нивните потомци испрати порака против омразата.
Актерот со австриско потекло, кој е некогашен бодибилдер и поранешен гувернер на Калифорнија, посети бараки, набљудувачки пунктови и остатоци од гасни комори кои стојат како доказ за напорите на нацистичка Германија да ги истреби Евреите и другите народи за време на Втората светска војна.
Шварценегер при посетата на Аушвиц запознал луѓе кои го преживеале холокаустот, децата на преживеаните, како и жена која како тригодишно дете била подложена на експериментите на озлогласениот нацистички лекар Јозеф Менгеле.
„Ова е приказна која мора да остане жива. Ова е приказна што мораме да ја пренесуваме повторно и повторно“, рече Шварценегер во Аушвиц за време на говорот што го одржа во поранешната синагога, сега седиште на Еврејскиот центар Аушвиц. Сајмон Бергсон, чии родители ги преживеале нацистичките злосторства во Аушвиц, застанал до него и ја раскажал семејната историја.
„Јас сум син на човек кој се борел во војната како војник на нацистичката страна. Ајде заедно да се бориме против предрасудите и да ставиме крај на тоа еднаш засекогаш“, рекол 75-годишниот актер, додавајќи дека тој и Бергсон, кој е на слична возраст, се обединети во работата.
Бергсон додал: „Арнолд и јас сме жив доказ дека во една генерација омразата може целосно да се отстрани“. Гувернере, ви благодариме што ни се придруживте денес овде“.
Во јуни Шварценегер ја доби наградата „Борба против омразата“ од Еврејската фондација во Аушвиц за неговите ставови на социјалните мрежи. Сепак, тој не можеше лично да ја добие наградата бидејќи снимаше ТВ-серија во Канада, а имаше и проблем со пандемијата. Шварценегер вети дека неговата денешна посета на Аушвиц нема да биде последна.
„Ќе се вратам“, рече тој, користејќи реплика од филмот Терминатор (1984).
Во видеообраќање минатиот март Арнолд Шварценегер ги обвини Русите дека ги лажат за војната во Украина и го обвини рускиот претседател Владимир Путин дека жртвувал руски војници за сопствените амбиции. Во истото видео тој ја раскажува тажната судбина на својот татко Густав Шварценегер, кој се вратил дома од Втората светска војна физички и психички скршен откако бил ранет во битката за Ленинград.
Историчарите проценуваат дека нацистите убиле 1,1 милион луѓе само во Аушвиц, од кои еден милион биле Евреи. Останатите ги сочинуваат Полјаци, Роми, Руси и други народи.