(Видео) „БДМ“ има нова песна, ќе ја промовираат во Белград

Feel e четвртиот сингл на македонското продуцентско трио, BDM, овојпат во соработка со пејачката Валери. И овој пат песната е на англиски јазик, а  е снимена во студиото на Paragon Record Label. Ова е прва соработка на Валери со BDM. Момците од продуцентското трио, во состав Дуле и Бранко Вељановски и Мартин Делимитов, се автори на музиката, а за мелодиската линија и пеењето беа ангажирани повеќе пејачки меѓу кои Тамара Тодевска, Јова и самата Валери. Текстот го напиша Валери, заедно со BDM.

„И во Feel сакавме да го задржиме препознатливиот електронски звук што го промовиравме и досега. Ова е модерна, амбиентална песна, отпеана на англиски јазик, бидејќи дистрибуцијата ја работи во целост Paragon Record Label, а тоа ни овозможува да бидеме чуени и присутни на сите музички онлајн платформи. Валери подолго време е дел од тимот на Paragon Record Label, така што ова беше вистинскиот момент за заедничка соработка“, велат од BDM.

За песната е снимено и видео во режија на Горан Симјаноски. Главната улога во видеото ја има танчерката и кореографка Јана JP Петровска.

„Деталите секогаш биле нешто на што особено сме внимавале, па шарените патики на Сатја и Swithadot вторпат се дел од наше видео, а ќе бидат и заштитен дел и од секој следен спот издаден од артистите на Paragon Record Label“, додаваат тие.

Момците од BDM на 10 март ќе настапат во Белград, на SAE Live, каде што Feel ќе ја има својата официјална промоција во живо. Настапот во СКЦ во Белград ќе биде почетокот на нивните настапи во живо. Од BDM најавуваат дека во 2020 година ќе го промовираат својот прв албум, State Of Mind, прво пред македонската публика, потоа и на меѓународни настани и фестивали.

Scroll to Top