(Видео) Битолската химна „Ако одам во Битола“ има нова верзија и музички спот

„Ако одам во Битола“ – најпознатата битолска песна во поновата музичка историја зад која стои Петар Георгиев – Калица, за многумина е неформална химна на Битола. Песната била првпат изведена во 1989 година од Октетот Македонија на фестивалот Валандово ‘89. Песната сега има ново издание и музички спот кој викендов имаа промоција во Битола.

„Да се направи нова верзија на оваа исклучителна песна, песна над песните, за многумина е веројатно тешка задача. Но ова што го направи овој тим е доказ дека кога ќе се соберат вистински професионалци може“, рече Благојче Трајковски, иницијатор за новиот препев на познатата песна.

Песната е во солистичка изведба на Димитар Андоновски, придружен од група „Фонтана“ и Камерниот гудачки оркестар, а во саботата беше промовиран и спотот во  Центарот за култура во Битола. „Да се биде дел од овој проект за мене значеше многу. И како уметник и како битолчанец. Да ја отпеете песната која се пее насекаде не е лесна задача. Одговорноста е поинаква кога пред вас тоа го правеле други. Ние внесовме многу емоции во текот на целиот процес. Многу љубов за песната и за Битола“, рече Димитар Андоновски на промоцијата.

Според кажувањето на Калица, оваа песна ја создал само за пет минути. Композиторот беше присутен во публиката и доби долг аплауз со овации при неговото појавување на сцената.

„Ова е емотивен момент за мене. Доказ дека една песна, ако е добра, може да продолжи да живее. Кога ми се јавија овие личности бев почестен“, рече Калица.

Scroll to Top