Пејачката Бојана Атанасовска, по подолга пауза, сними нова песна со наслов „Круна“. Таа сними и видео во кое се појавуваат нејзините деца, ќерката Искра и синот Ѓорѓи. За нив, Бојана вели дека се круната на нејзиниот живот.
„Кога им кажав дека песната ќе се вика ‘Круна’, првото прашање беше какво значење има името. Тие се мојот живот и затоа со композиторот Николче Мицевски симболично го избравме тоа име за песната“, вели пејачката.
Песната „Круна“ ја направи Николче Мицевски, а текстот го напиша Сара Пројковска.
„Не беше лесно да се избере песна бидејќи ова е мое враќање на македонската музичка сцена. Со Николче сакавме тоа да биде нешто навистина одлично. Преслушав и други песни од други композитори, но верував дека ‘Круна’ е песната со која треба да се вратам“, вели Бојана.
Таа додава и дека по празниците, планира поактивно да се занимава со музика. Бојана ѝ стана позната на јавноста пред десет години кога учествуваше во музичкото шоу на „М2“ за потрага по ѕвезда. Нејзина најпозната песна е „Во дилема“.