Македонската пејачка Бојана Скендеровски вчеравечер ја промовираше својата нова песна, „Ми треба“. Направена во фолк-стил, песната има македонска и српска верзија. На колегите од естрадата, пријателите и новинарите Бојана им се заблагодари за поддршката што ѝ ја даваат во изминативе 20 години, па рече дека песната овој пат е феминистичка и затоа им ја посветува на силните жени.
„Текстот е по малку феминистички и затоа е за сите жени, мајки, кралици, кои се издржливи, силни и точно знаат што сакаат во животот. Оваа година сакав да ја заокружам со една моќна и ведра песна која ќе ги размрда сите, зашто заслужуваме малку забава, уживање и позитивни мисли. Со Маре ги споивме мелосите на Македонија и Србија и создадовме балканска песна, која влече и накај фолк, ама мислам дека ќе биде слушана“, рече Бојана на промоцијата.
Автор на песната е Саша Милошевиќ – Маре, а препевот од српски на македонски го направи Огнен Неделковски. Видеото го режираше Александар Ристовски – Принц, по сценарио на Васко Скендеровски. Во спотот се појавуваат и многу јавни личности и пријатели на Бојана, па главните улоги ги имаат Маријана Станојковска и Ведрана Ѓорѓевиќ, заедно со актерот Зоран Љутков, а гостуваат и Миле Кузмановски, Ферус Мустафов, Мики Црнокрак, Александар Васовски.
Бојана ја почна музичката кариера во 2002 година на изборот „М2 потрага по ѕвезда“. Низ годините испеа многу поп-песни и балади, а на промоцијата најави дека следата година ќе одржи прв солистички концерт.