Во присуство на многу афирмирани артисти, музички експерти, колеги, пријатели и новинари, во средата, во кафулето „Каза бар“ во Скопје, беше промовиран новиот музички проект на македонскиот артист Борис Цветановски, кој на интернационалната музичка сцена ќе се претстави под псевдонимот Ris Flower.
Неговата експлозивност како фронтмен, препознаена од многумина, во комбинација со творењето привлечни популарни теми и заразни мелодии, отпеани на англиски јазик, тој создава производ што неоспорно има капацитет за достигнување на светските плејлисти.
Мистериозните текстови споени со музичките теми, кои би допреле до секој, го дефинираат Ris Flower како инди-поп артист со мноштво од рок, денс-рок, постбрит поп и инди-хаус елементи.
Снимањето и обработката на овој музички проект се направени од врвни и докажани продуценти во едни од технички најопремените и модерни музички студија во Турција, а ангажираните музичари и продуценти за овој проект се всушност соработници на најголемите турски ѕвезди, како Таркан, Мустафа Сандал, Сертеб Еренер и многу други.
Како продуценти и автори на аранжмани во овој проект се јавуваат Павле Васиљевиќ и Мустафа Чанбазлар, Арикан Сиракаја – микс и мастеринг (Studio Ari), Ема Јакимова како проект-координатор и контент-креатор и Даниела Ѓуровска како главен стилист.
Првата песна од овој проект е со наслов Translucent за која е изработен и видеозапис. Темата во видеото е заробеноста на ограничениот ум во коцката (кутијата) и трнливиот пат што треба да се мине за да се излезе од неа и да се дојде до состојба на слобода, конечно ослободување на умот.
Снимањето, продукцијата и режијата на видеозаписот е комплетно дело на Андреј Ѓорѓиевски.
Translucent е најава за сè она во периодот што следува од Ris Flower.
Борис Цветановски можете да го следите на сите популарни музички платформи – Apple Music, Spotify, Deezer и на неговиот официјален јутјуб-канал на музичкиот сервис VEVO.