Откако беше избран за македонски претставник на Евросонг, Васил Гарванлиев доби поддршка од Детскиот хор од Чикаго, во кој пееше пред да биде депортиран од Америка. Хорот ја испеа песната „Татковина“, омилената на Васил од детските фестивали. Оваа песна била преаранжирана по неговата депортација во 2003 година и оттогаш е вклучена во редовниот репертоар на хорот. Но, песната е дел и од светскиот хорски репертоар, откри Гарванлиев за „Репортер“. Видеото за „Татковина“ го сними Џозефин Ли, главната диригентка на хорот, е една од петте менторки во животот на Васил.
„Да се биде дел од Детскиот хор од Чикако за мене беше едно од најзначајните животни искуства, каде добив шанса да соработувам, пеам и учам од најдобрите, но и да ги стекнам најзначајните животни вредности, дисциплина, морал, извонредност во перформансите, но и да размислувам за очекувањата, целите и секогаш да настапувам со отворено срце“, вели тој.
Неодамна во интервју тој ни откри дека кога се преселил во Америка, бидејќи не зборувал англиски, најголемата поддршка на почетокот ја добил од децата и од Џозефин, која го вклучила во хорот. Ова искуство потоа му помогнало да почне да пее и во мјузикли, а подоцна и да учи оперско пеење.
За потсетување, Васил ќе ја претставува Македонија на Евровизија во Ротердам, Холандија. Тој ќе пее во првото полуфинале на 12 мај. Лани, пак, пееше придружни вокали на Тамара Тодевска во Израел.
„Во една година ги загубив најблиските“, Васил Гарванлиев ја раскажа својата приказна