Поп-пејачот Александар Тарабунов сними видео со фламенко за својата најнова песна „Би те одбрал само тебе“, што ја испеа на годинашниот „Макфест“. Главната улога ја има балерината од МОБ Дора Китановиќ, која во спотот се појавува како фламенко-танчерка. Режисер на видеото е Зоран Стојановски. Музиката за песната во латино стил ја напиша Тамара Тодевска, а текстот е на Роберт Билбилов.
„Презадоволен сум и од настапот на ‘Макфест’ и од дружбата со колегите таму. Но, презадоволен сум и од реакциите што ми стигнуваат во пораки на ‘Инстаграм’. Добивам само пофалби и за песната и за спотот, коментари дека е нешто уникатно. Тоа и го замислувавме и многу ми е мило што го реализиравме“, рече Александар за „Репортер“.
Популарниот пејач е познат во јавноста по тоа што за секоја своја песна снима спот. Публиката го запозна Тарабунов по учеството во шоуто „Музички идол“ на кое се натпреваруваше во 2008 година во Бугарија, заедно со Дарко Илиевски. Оттогаш тој сними многу песни, пееше на сите фестивали на забавна музика кај нас и има освоено неколку награди.
(А.Ј)