(Видео) Геј пар се венчаше со евровизиската песна на Васил Гарванлиев: Го обожаваме, ова е негов свадбен подарок за нас

Евровизиските фанови Тој и Гој, кои имаат свој Јутјуб канал, биле толку многу воодушевени од песната Here I Stand што Васил Гарванлиев ја пееше лани на Евросонг, што ја избрале како главна песна на нивната свадба. Тие ова го открија во видеото во кое ги споделија своите впечатоци од песната Circles со која Андреа годинава ќе ја претставува Македонија на музичкото натпреварување.

„Се сеќавате ли каква реакција имав лани кога првпат ја слушав песната на Васил? Навивав за него да успее, и знам дека луѓето велат дека песната е малку лигава, ла, ла, ла, но ако ја слушнете само инструменталната верзија на песната, ќе сфатите дека е прекрасна. Прекрасна. Таа беше една од главните песни на нашата венчавка. Васил требаше да пее во финалето. Песната ја гледаме како вистински подарок од Васил за свадбата. И иако не сме го запознале, знаеме дека ќе го обожаваме и кога ќе го сретнеме“, велат Тој и Гој во видеото.

Инаку, песната Here I Stand беше промовирана пред точно една година, а ја претставуваше Македонија на Евросонг во Ротердам. За да ја одбележи годишнината, пред неколку дена, Васил објави десет ремикси на песната кои ги направија диџеи од целиот свет.

„Сега тие ја пуштаат Here I Stand во клубовите и дискотеките. Песната почнува да грми на журки“, рече Васил за „Репортер“.

Scroll to Top