Македонскиот кантавтор и виртуоз на гитара Влатко Стефановски и неговиот бенд, по концертите во Загреб и Риека, турнејата ја заврши со концерт во Осиек. Како што пренесуваат хрватските медиуми, Стефановски имал извонреден концерт во овој град кој ја воодушевил публиката, а билетите биле распродадени за многу кратко време без некое посебно рекламирање.
Концертот бил интимен на најубавата сцена во градот,покривот на Центарот за култура.
Стефановски на сцената во Осиек се појавил со неговиот син, Јан Стефановски за тапани и Иван Куќиќ на бас гитара, попознати како Влатко Стефановски Трио.
„Уживам каде што концертите ми се добри и да сум на сцената во добро расположение, и бендот да е добар и сите да сме расположени тоа ми е најголемо уживање“, изјави Стефановски за Ин Магазин.
Тој вели дека не сака наголемо да се највуваат неговите концерти и претерано да се рекламираат, затоа што смета дека не е некоја супер ѕвезда. За хрватскиот медиум откри дека го мотивира неговиот бенд, кој е најмладата ритам секција со која досега има настапувано.
„Веќе сум во години кога се околу себе почитувам. Добро време, зеленило, добри пријатели, храна, вино, музика“, вели Стефановски.
Македонскиот виртуоз нема најдрага гитара, но вели дека секоја има своја приказна и спомени.
„Секоја гитара одбележува некој период од мојот живот или во мојата кариера. Секоја гребнатинка зборува за некое случување“, раскажа македонскиот гитарист.
Вели гитаристите „се малку пациенти, ние боледуваме од потрага по добар звук“.
По турнејата во Загреб, Риена и Осиек, Влатко Стефановски подготвува концерти и за јадранското крајбрежје.