(Видео) Македонецот Мајкл Дамески втор во танц-шоуто на Џенифер Лопез

22-годишниот Мајкл Дамески, Македонецот роден во Сиднеј, заврши на второто место на светски познатото шоу World of Dance. Победник во шоуто беше групата The Lab. Мајкл во финалето што се одржа вчера, прво играше на песната Dive од Ед Ширан и направи зимска атмосфера на сцената, а потоа спои хип-хоп движења, балет и племенски танц во кореографијата за песната Survivor од „Дестинис чајлд“. Мајкл не ја освои главната награда од 1 милион долари, но вели дека веќе ништо не може да го запре на патот кон успехот.

„Во шоуто влегов со самиот себе и успеав да стигнам колку што можев најдалеку. Благодарен сум за ова искуство. Научив многу за себе и за своите способности. Некој веќе не може да ме запре. Ќе продолжам да го правам тоа што го сакам засекогаш. Можеби не освоив 1 милион долари, но чувствувам како да освоив 1 милион срца. Тоа ми значи повеќе од се“, напиша Мајкл на социјалните мрежи по завршувањето на шоуто.

Тој им се заблагодари на сите што навивале за него во текот на целото шоу и им честиташе на сите финалисти.

„Секој што настапи вечерва ја заслужува наградата“, додаде тој.

Неговите обожаватели, пак, го нарекоа победник и му честитаа за одличното танцување во текот на целата сезона, не само во финалето. „Нема подобар“, „Никој не игра како тебе“, „Фантастичен си, совршен“, стои во коментарите.

Мајкл е роден во Австралија, а неговите родители се по потекло од Прилеп. Тој во 2008 година пеел на детскиот фестивал „Златно славејче“ со песната „Еден танц“. Шест години подоцна победил во танц шоуто So You Think You Can Dance во Австралија, а ја добил и наградата „Најпопуларен танчер во Австралија“. Настапувал во неколку мјузикли.

World of Dance е меѓу најпопуларните шоуа за танц во светот. Продуцент на шоуто и член на жирито е Џенифер Лопез. Освен неа во жирито членуваат актерот и танчер Дерек Хоуг и музичарот Нејо. Водител на шоуто е танчерката и актерка Џена Деван. Популарното шоу е обновено за трета сезона, која ќе се одржи следната година.

Scroll to Top