Под мотото „Времето на блесок ќе дојде!“, пејачката Јана Бурческа, писателката Ксенија Николова, дизајнерката Стефанија Насеска и ракометарката Викторија Пеовска се вклучија во новата кампања на „Моден викенд Скопје“. Ова ќе биде 21 издание на најголемиот моден настан во земјата, а ќе се одржи по кризата со коронавирусот, велат организаторите.
„На крајот на февруари, со сценаристот и режисер Кристијан Шемко, снимивме видео портрети и фотографии со познати македонски личности од сферата на дизајнот, културата, уметноста и спортот. Сакавме да го покажеме на автентичен начин ритамот во кој пулсира секој од ликовите“, велат од „Моден викенд“.

„Заедно успеавме да го оживееме и прикажеме динамичното секојдневие, модниот дух и вибрацијата на градот Скопје. Целиот тим беше посветен и фокусиран на истата цел – да се направи најдоброто. Секогаш ми е задоволство да работам со мотивирани луѓе, кои инспирираат и создаваат. Сметам дека тука лежи клучот на успехот за секој проект“, раскажа режисерот Шемко.
Низ карактеристичните сцени во видеата се прикажани многу монументални, но и современи локации во Скопје, како што се Национална опера и балет, Филхармонија, Градски трговски центар, зградата на главната Пошта, Камени мост и кејот на реката Вардар, во комбинација со пешачки улички и метежните булевари.

Во проектот се вклучени и дизајнерките Стефанија Насеска, Наталија Терзија и Машенка, фотографите Филип Пашоски и Ерина Богоева, инфлуенсерката Никица Ацева, фитнес тренерот Марјан Мане Стојановски, моделите Моника Алексовска и Борјан Ристовски и други.
„На кампањата работевме со огромен елан и ентузијазам, понесени од позитивната енергија со која бевме постојано окружени. Нештата во меѓувреме се променија. Меѓутоа, оптимизмот дека сѐ ќе се постави во нормален тек, нема да нѐ напушти ниту сега, а ни во иднина. Истото им го посакуваме и на луѓето за кои постоиме, твориме и ги создаваме проектите. Градот убав повторно ќе светне во полн сјај. Порано или подоцна, блесокот ќе се врати во животите на секој од нас,“ додаваат организаторите на модниот настан.



