(Видео) Македонскиот пејач Боби Павловски сними балада на српски

Македонскиот пејач Боби Павловски има нова балада на српски јазик, „Поносан“. Песната е дел од проектот во кој Боби досега сними шест песни. Музиката, текстот и аранжманот се на Милан Раѓен, а придружните вокали ги испеа српската пејачка Ивана Селаков. Режисер на спотот е Љуба Радојевиќ, а видеото е снимено во Белград.

„Летото е некако резервирано за поведри теми, но јас решив да пуштам една убава балада која уште на прво слушање ми се залепи и за уво и за срце. Верувам дека и мојата публика ќе го препознае истото и дека ќе им се допадне песната“, вели Боби.

Тој додава дека летово нема да му остане време за одмор, бидејќи скоро секоја вечер има закажани настапи.

„Не е лесно да се настапува речиси секоја вечер, но верувајте нема ништо поубаво кога на настапите гледаш задоволни лица и кога буквално ми ги пеат песните во еден глас, од прв до последен стих“, рече тој.

Scroll to Top