Фолк-пејачот Марјан Коцев со вклучување во живо на „Фејсбук“ се пофали дека го запознал својот фан од Тајланд, Тонг. Тонг стана познат во Македонија откако на социјалните мрежи се споделуваше видео во кое тој ја пее песната „Ти само ти“ од Коцев, додека готви во ресторан во Сиднеј чиј сопственик е Македонец. Пејачот, кој беше на турнеја во Австралија, откри дека пред да си замине од Сиднеј посакал да го запознае момчето што ја сака неговата песна.
Откако Марјан го претстави Тонг, тие двајцата заедно ја испеаја „Ти само ти“. Пејачот доби пофалби од неговите фанови, а комплимент доби и од неговата колешка, пејачката Ани Малинкова, која му предложи да го доведе Тонг во Македонија за заедно да пеат и тука.