(Видео) Мијата промовира нова песна и го најави вториот албум

Пејачката Наташа Крстевска, позната како Мијата вчера ја промовираше својата нова песна Paid. Музиката и текстот се на Мијата, а аранжманот го направи Дамир Пух.

„Песната е составена пред многу години, но сега си го доби своето место и ќе биде дел од мојот втор албум насловен Vida. Премиерно беше изведена летово на Controlers Music Festival, манифестација во Италија каде настапуваат контролори на летање од цел свет, кои се по музиката како мене. Тие настапуваат со своите бендови и секој бенд има програма од 40 минути до еден час и јас сакав оваа песна првпат да ја испеам таму. Затоа видеото е направено како патешествие, од оваа страна јас и моето семејство и од другата музичарите кои дојдоа во Италија и како се подготвувавме за настапот“, рече Мијата за „Репортер“.

Мијата вели дека таа како некапиталистички тип не е секогаш сфатена од околината, па оттаму ја добила инспирацијата за песната.

„Секој вика дека секој има цена, колку е цената и затоа е тој стих ‘Сега сум платен да те одбијам, ама не можам’, што значи дека ако сакам да сторам нешто за тебе или ако не сакам, нема цена што тоа ќе го промени. Што не е во дух со нашето економско општество“, додава пејачката.

Scroll to Top