Поп-пејачката Викторија Лоба сними анплагд-верзии на шест песни од албумот „Нов свет“. Проектот замислен како пладневно музичко матине Лоба го реализира со своите пријатели Дина Јашари (придружен вокал), Кристијан Кожумановски (бас-гитара), Теодор Теодосиевски (тапани), Стефан Алексовски (клавијатури) и Филип Попов (гитара).
„По долг период музички молк во однос на концерти во живо, музиката во нас мораше да го најде својот пат и да се искаже. Така се роди ова анплагд-музичко матине, без размислување јас и сите од бендот рековме – го правиме“, вели Лоба.
Пејачката додава дека ѝ е особено драга новата верзија на песната „Само мој“, која е со нов аранжман.
„Ова предизвика нова емоција и нов стил на изведба на самата песна“, вели Викторија.
Освен „Само мој“, во проектот се вклучени и песните „Нов свет“, „Една единствена“, „Дојди“, „Опиум“ и „Воздишка“.