(Видео) Посакувам заеднички концерт со Симон Трпчески, светот ја слушна музиката на младиот пијанист Јован од Кочани

Јован Цветанов од Кочани освои второ место на деветиот интернационален натпреваро Sitta di San Dona di Piave EDIZIONE кој се одржа во јули годинава во Италија.

На натпреварот учествуваа деца од 38 држави меѓу кои Америка, Бразил, Канада, Кина, Франција, Хонг Конг. Од Македонија имаше пет претставници, а покрај Јован, второ место освои и Марија Лазарова. Поради пандемијата со коронавирусот тие учествуваа онлајн.

Јован 4 години е ученик во општинското музичко училиште „Ристо Јуруков” во Кочани во класата на наставниците по пијано Душан Стојанов и по Солфеж – теорија на музика, Благој Николов. Јован вели дека секоја награда му е значајна и дека дополнително го мотивира да вложи уште поголем труд и да се надогради, но дека најдраги му се оние меѓународните.

„Се надевам дека со мојот вложен труд и посветеност ќе успеам да бидам заедно рамо до рамо со композиторите чии дела денес ги изведувам и ќе имам и јас свои композиции. Имам многу идоли чии достигнувања и концерти ги следам, но најмногу се восхитувам на Симон Трпчевски и се надевам дека еден ден ќе го запознаам и ќе ми ја открие тајната за успех и дека во иднина ќе имаме заеднички концерти. Ветувам дека ќе продолжам вредно да учам и ветувам дека ќе ги направам моите родители да бидат најгорди на цел свет со мене“, рече Јован за Репортер.

Последната награда која ја доби е на деветтиот интернационален пијано натпревар Città di San Donà di Piave EDIZIONE online 2022 каде освои второ место помеѓу конкуренцијата од 32 учесника од целиот свет.

Неговите наставници велат дека покрај музиката максимално вложува огромен труд и одговорност и кон другите школски активности.

„Како резултат на тоа има освоено голем број награди и има настапи и во Македонија, но и надвор од неа. Покрај пијаното, успешно се развива и во процесот на изучување по предметот Солфеж со елементарна теорија каде што првенствено се описменува музички и стекнува способност за правилна интонација при пеењето и прецизно изведување на ритам, кои се клучен фактор за професионално градење на еден комплетен музичар и се во многу сродна врска за свирење на инструмент. Верувам дека Јован ќе прерасне во голем уметник и дека ќе ја негува музиката особено класичната и популарните современи жанрови и дека ќе освои голем број значајни награди и ќе има настапи, како во Македонија, така и надвор од неа“, ни рече неговиот наставник по Солфеж – теорија на музика, Благој Николов.

Јован беше дел и од Скурас кампот во Грција каде исто така освои второ место. Кампот се одржа од 15 до 22 јули, а Јован одлично се покажа под менторство на неговата наставничка по англиски Теодора Христова.

„Со својата харизматичност и талент кој го поседува покажа дека децата не ги интересира политика и дека преку музиката можеме сите да бидеме сплотени заедно и да немаме предрасуди“, велат неговите наставници

Тие додадоа дека Јован е вистинска ѕвезда и дека успеал да ги украде насмевките и воздишките на сите присутни во кампот.

„Јован е вистинска ѕвезда. Ја сака музиката, ги сака инструментите и ужива во свирењето. Секогаш е расположен за соработка, за пофалба, но и за критика која ја прифаќа без никаков проблем. Веќе од наредниот час Јован ги исправа грешките. Подршката која ја добива од родителите е уште една причина за да успее во тоа што го сака“, ни рекоа наставниците.

„Јован веќе 3 години изучува пијано во ООМУ „Ристо Јуруков“ во Кочани. Покажа љубов кон овој инструмент, затоа што смета дека е најпопуларен и најпрепознатлив. Знаеше дека не е доволно само да го сакаш инструментот, туку дека треба и да вложиш труд, да вежбаш и да имаш желба да го реализираш својот сон. Верував во него, а и тој и покажа дека може да ги контролира своите движења на рацете и да произведува звуци. На тој начин почна да се поврзува со инструментот.

Последен натпревар на кој сме особено горди, е натпреварот „Сitta di San Dona di Piave“ EDIZIONE Online 2022, во Италија. Иако беше онлајн, настапите ги проследија врвни пијанисти во улога на жири. Во неговата категорија имаше 32 учесници, па Јован успешно со својот квалитетен настап се избори и се здоби со второ место, меѓу ученици од Италија, Тајланд, Финска, Србија, Хрватска, Словенија, Естонија, Албанија. Освен што сака да свири, а во иднина и да компонира, интересно е што сака да дознае и за животот на композиторот чија композиција ја свири, размислува од што би можел да биде инспириран, размислува подлабоко. Јован е дете кое буди надеж и очекувања дека навистина ќе се реализира како врвен пијанист. Доволно е само да расте неговата волја, интерес, желба, самодоверба, а најважно да биде подготвен да вложи труд, време и енергија за да му се оствари тоа“, ни рече наставникот Душан.

Јован има учествувано на повеќе натпревари. На Државниот натпревар во Македонија има освоено 3-то место и прво место на меѓународниот фестивал по пијано „Сергеј Михајлов“ кој се одржа во Штип.

„Со леснотија успева да ги освои наградите и да не направи нас и наставниците горди. Сваќаме дека децата не знаат за националност и политика и дека тие ни се светла точка во нашето општество. Дете како што е Јован треба да биде пример за другите како треба да другаруваме и да бидеме среќни и горди за тоа кои сме и од каде доваѓаме. Се надеваме дека ваквите дружби ќе продолжат и понатаму и дека ќе има сѐ повеќе и повеќе вакви слични настани, каде и другарството ќе им остане во сеќавање и дека ќе бидат амасадори на другарства кои вечно ќе траат“, ни рече мајката на Јован, Симона.

Љубиша Владимиров

Scroll to Top